Што и како треба родителите да направат кога ќе откријат дека нивното дете има некоја од состојбите кои предизвикуваат потешкотии во учењето?

Со оглед на тоа дека најчесто нашата веб страна ја посетуваат  лица кои се директно засегнати со потешкотиите во учењето и лица особено заинтересирани за оваа проблематика, должни сме со вас да ги споделиме сите наши сознанија и упатства.

Откако Здружението АЈНШТАЈН започна со оставрувањето на своите цели односно активно работи на подигнувањето на јавната свест за состојбите кои предизвикуваат потешкотии во учењето, голем број на заинтересирани се јавуваат во нашето здружение и најповеќе се интересираат за тоа како да се утврди дали некој има дислексија и на кој начин да се помогне. Факт е дека дислексијата е прикриен недостаток, кој може да биде забележан, а може и да не се забележи. Многу е важно дислексијата да се идентификува и потоа да се најдат начини за третман. Неидентификувањето или игнорирањето може да доведе до сериозни психолошки нарушувања, особено во адолесцентниот период.
Во развиените земји идентификувањето на дислексијата и нејзините форми го спроведува група составена од родителот, наставникот односно класниот раководител, училишниот психолог и педагог, и по потреба логопед. Проценката се врши врз основа на пропишани стандарди за напредокот на ученикот, односно постигнувањата се спроведуваат со критериумите од прописите.
Формирањето на вакви групи за проценка во нашата држава не е пропишано со закон ниту пак постои некој правилник за оваа проблематика.
Од вашите искуства досега, кога детето ќе покаже сериозни тешкотии со читањето, пишувањето или математиката, а во услови на правилно давани инструкции и при нормален развој во другите аспекти првата установа во која се обраќаме е Заводот за ментално здравје на деца и младинци во Скопје и Центарот за слух говор и глас.

Би сакале да ви дадеме упатства што треба да побарате од овие институции со цел да ги добите потребните информации за вашето дете.
1. Информирајте се за составот на тимот што ќе ја врши проценката
2. Информирајте се за професионалните способности на членовите и нивните познавања за дислексијата и останатите тешкотии во учењето.
3. Доколку таа група спроведува тестирање на интелигенцијата информирајте се типот на тестот и прашајте дали тестот е соодветен за деца со дислексија.
4. Информирајте се кој од членовите ќе врши следните проверки:
– Усно изразување
– Разбирање на говорниот јазик
– Писмено изразување
– Основни вештини за читање
– Вештини за течно читање
– Разбирање на прочитаното
– Разбирање на математички операции
– Способност за решавање на математички проблеми
5. Информирајте се кои стандарди се применуваат при проценката
6. Информирајте се во каква форма ќе го добиете извештајот од проценката
7. Прашајте дали извештајот ќе содржи конечна дијагноза и дали ќе содржи препораки
8. Доколку се утврди дека детето има дислексија информирајте се кои методи за работа ги препорачуваат за работа со детето.
9. Откако ќе ви бидат дадени препораки информирајте се за следното
– Какви подобрување може да очекувате
– Колкав временски период е потребен за да се забележи подобрување
– Какви се искуствата со примена на методот
– Побарајте контакти или линкови од лица кои веќе ги постигнале резултатите
– Дали примената на методот ( или пропорачани медикаменти и суплементи) има некакви штетни последици.

Се надеваме дека овие совети ќе ви помогнат при утврдување на состојбата на вашето дете.