10 препораки за родителите на деца со дислексија :

 1. Забележете ги успесите на своето дете
Честопати родителите поради загриженоста што нивното дете има потешкотии во читањето, забораваат да ги забележат успесите кои детето ги постигнува на другите полиња, што секако е погрешна стратегија и разочарување за детето.

2. Прославете го секој успех на детето
Покажете му на детето колку се радувате и прославете го секој , буквално секој прочитан збор или препознат сликовит израз во зависност од возраста и напредокот на детето. Нека се почувствува дека напреднало повеќе од претходниот пат.

3. Бидете искрени со себе 

Нека вашите барања за постигнувањата на детето бидат реални. Не очекувајте дека одеднаш детето може перфектно да чита или пишува после некој тренинг или подучување. Дислексијата бара трпение. Треба да ги процените можностите на детето и барањата да ви бидат такви што детето сигурно ќе ги исполни.


4. Не дозволувајте поради лошото читање вашето дете да стагнира

Ако има дислексија нормално е да чита лошо и треба да му помогнете со тоа што ќе му ја олесните работата, обезбедете текстови со поголеми букви, обидете се со провидна фолија која ќе го покажува редот што го чита или потрудете се да најдете стручно лице што ќе го подучува.

5. Споделете ги со детето тешкотиите што вие ги имате

Сигурно вие како индивидуа не сте идеални во сите области. Како што вашето дете има потешкотии со читање можеби вие имате потешкотии во играње кошарка, на пример. Посочете му на детето некоја ваша слабост која вашето дете ја нема, дури и е многу добар во тоа. Охрабрете го дека сите луѓе имаат силни ислаби старани.

6. Читајте му гласно на вашето дете правејќи го тоа забавно, како приказна.

Тие се извонредни слушатели и многу добро го разбираат тоа што ќе им го прочитате. Не се оптеретени со напорот да ги препознаат буквите и зборовите туку се фокусирани на содржината.
7. Децата со дислексија особено се охрабруваат кога родителите и наставниците соработуваат за да му помогнат

Потрудете се да воспоставите добра соработка со наставниците и стручните лица во училиштето.
8. Мали чекори можат да донесат големи подобрувања

Навечер смислете некоја добра игра, на пример вие да бидете ученикот а вашето дете учител. Дозволете му да ги забележува вашите грешки при читање или пишување.

9. Не го критикувајте вашето дете ако чита бавно

Ако има дислексија нормално е да чита бавно и тоа воопшто и не е толку важно. Научете го на стратегиите како полесно да ги помни прочитаните работи, да ги обележува со фломастер важните работи, да црта на страна работи кои му асоцираат на прочитаното. За овие стратегии можете да се консултирате и со стручни лица.

10. Научете го детето како да се справи со потешкотиите

Дислексијата не е феномен кој едноставно ќе исчезне. Дислексијата ги следи луѓето до крајот на животот. Само треба да го научите како да се справува со неа во текот на животот. Убедете го детето дека дислексијата може да се корегира, дека сепак не е важно дали ќе прочита 180 зборови во минута, научете го секогаш да побара помош кога тоа му е потребно без да се срамува и кажете му какви све дарби му дава дислексијата наспроти тешкотиите со читањето и пиувањето.