Дислексијата како синдром се манифестира на различни начини кај различни индивидуи и истиот може различно да влијае на математичките способности кај различни индивидуи. Така, кај некои ученици овој синдром не мора да влијае воопшто на нивните математички способности, додека кај други може да има од слабо до силно влијание.

Поради тоа што математиката се потпира на широк спектар од способности чии центри се сместени на двете мозочни хемисфери, може да се случи дислексичарите да бидат лоши во множење и употреба на алгоритми, но од друга страна да имаат поголеми способности за визуелно-просторно разбирање или препознавање на шаблони, а со тоа и подобра спосбност за концептуално разбирање.

Генерално дислексичарите имаат способност да ја видат големата слика што е потребна за критичко математичко размислување. Затоа и не треба на овие деца да се гледа како на бавни ученици. Тоа може да бидат ученици со исклучителни способности.

Постојат неколку клучни точки или потешкотии кои се појавуваат поради дислексијата, а можат директно да влијаат и во напредокот кај математиката. Тоа се:

  • Потешкотии со читање и пишување;
  • Потешкотии во разбирање на јазичната терминологија;
  • Проблеми со визуелната и аудио перцепција;
  • Краткорочна работна меморија;
  • Проблеми со следење на редослед;
  • Организациски слабости и ориентација и
  • Проблеми со моториката.

Кои се симптомите на дислексија при работа со математика?

Во речникот на дислексија (за кој погрешно се врзуваат само тешкотиите со читањето), потребно е да се познаваат, и соодветно да се разграничат следниве поими и нивните значења:

  • Дисграфија (тешкотии со пишување);
  • Дискалкулија (тешкотии со сметање и усвојување на математички концепти) и
  • Диспраксија (тешкотии со моторички активности).

Овие синдроми и нивните симптоми често се поврзани и се јавуваат заедно кај еден ученик, но може да се појават и одделно.

Битно е наставниците по математика да бидат запознаени со сите потешкотии со кои може да се соочат учениците со дислексија, а се поврзани со предметот математика.

Ова е најчестите тешкотии кои се јавуваат кај овие ученици:

  • Потешкотии при набројување на деновите во неделата;
  • Потешкотии при набројување на месеците во годината;
  • Тешко помнење на таблицата за множење и одредени факти;
  • Немање чувство за поминато време и проблем со пратење на временски рокови;
  • Тешко разбирање на задачите кои се поврзани со време;
  • Грешно читање на броевите (13 може да го прочита како триесет или 40 како четиринаесет и слично);
  • Проблем со едноставни операции (собирање, одземање, множење, делење);
  • Проблем со именување на броевите (51 може да го прочита како петнаесет и слично);
  • Потешкотии при броење нанапред и наназад;
  • Потешкотии при именување на математичките симболи и запомнување на значењето на истиот симбол;
  • Проблеми со ментални пресметки;
  • Проблем со употреба на пари;
  • Проблеми со страните (лево/десно, напред/назад, пред/после, над/под);
  • Незабележување кога знакот се сменил (од “+” во “–“, на пр.);
  • Тешко префрлање од една тема на друга;
  • Неправилно подредување на колоните (на пример при собирање, единици под единици, десетки под десетки итн.);
  • Лоша презентација на буквите и математичките записи
  • Тешко разбирање на текстуални задачи поради потешкотиите со читање;
  • Погрешно внесување броеви и знаци при користење калкулатор;
  • Грешки при употреба на децималната запирка;
  • Грешки при употреба на дропки;
  • Потешкотии при запомнување на алгоритмите (обично запомнуваат погрешен метод)

Пишува: Билјана Божиновска