Делот од животот кога личност со дислексија ќе ја заврши својата едукација и ќе премине на работно место е огромен предизвик. Сега повеќе не станува збор за тоа како другите ќе му помогнат на него, туку повеќе станува збор што тој може да направи за другите.

Во наредниот период ќе следуваат неколку статии преку кои што ќе се објасни дислексијата на работното место, овие статии ќе опфатат повеќе делови и стратегии како што се :

  1. Свесност
  2. Читачки стратегии
  3. Пишувачки стратегии
  4. Мемориски стратегии
  5. Организациски менаџмент и временски менаџмент (time management)

Во развиените општества кога се почнува со работа, на работното место секој дислексичар има свои права на инклузивност, иако тоа во Македонија се уште не постои бидејќи дислексијата не е регулирана во законската регулатива. Во развиените земји е нелегално да дискриминирате личност со дислексија по било кој основ и за тоа можете првано да одговарате и против вас да биде поднесена тужба. Но постојат и така наречени “dyslexia-friendly-companies” кои одат чекор понапред , и активно ја унапредуваат средината за лицата со дислексија. Овие работодавачи препознаваат дека вработените со дислексија во одредени области можат да имаат извонредни вештини.

Организација која има инклузивна структура ќе ги обезбеди информациите за компанијата во различни формати како што се аудио фајлови или големи печатени  документи. Овие компании исто така им дозволуваат на дислексичарите да користат листови во боја и го охрабруваат користењето на асистивна технологија на работните места.

1.1  Придобивки на работодавачот

Голем напор вложува работодавачот во креирање на позитивна атмосфера во компанијата, и тоа не само за дислексичарите туку и за сите останати вработени. Факт е дека среќните  и задоволни вработени се многу по продуктивни и шансите да го напуштат работното место се помали. Со исполнување на наведеното компанијата ќе има корист во однос на континуитетот на персоналот и намалувањето на трошоците за вработување.

Дислексичарите најчесто  се големи креативци и воедно се “визуелни размислувачи”. Тие секогаш ја гледаат генералната односно големата слика кога станува збор за препреките и решавањето на проблемите. Иако имаат проблеми со учењето тие се екстремно снаодливи и успешни во работата што по секако е од голема предност и квалитет за секоја работна позиција.

Дислексичарите воедно се и  “различни мислители”, што значи дека може да ги гледаат решенијата на проблемите кога останатите  луѓе тоа не можат да го направат. Генерално, ова го прави човекот со дислексија позитивна предност за секоја организација.

1.2  Свесноста за дислексијата на работното место

Како што секој ученик со дислексија во училиштето треба на наставникот да му објасни за својата дислексија и потешкотиите во учењето, така и вработениот со дислексија треба да ги информира своите претпоставени за својата состојба.

Секогаш треба да се зборува отворено за дислексијата со цел да се докаже дека не се работи за мрзеливост или слабост. Запомнете работите како: подолгото читање на документите или неможноста да се запаметат поголема низа на инструкции се нормални карактеристики на дислексијата , не се знак на мрзеливост или глупавост.

Доколку имате проблем да ги разберете зададените инструкции, чувствувајте се удобно да им кажете на своите колеги: “Имам дислексија. Ќе те замолам да ги поедноставиш работите. Бидејќи кога ми давате премногу информации ја заборавам главната поента”

1.3  Адаптација на вработениот

За да се креира “dyslexia-friendly-workplace” не е воопшто тешко ниту пак чини средства. Кога работодавачот ќе биде свесен и ќе знае што всушност му е потребно на вработениот со дислексија, текот на работата ќе тече многу полесно. Работодавачот може да му овозможи на вработениот многу едноставни работи кои ќе бидат од многу големо значење за него како : обезбедување на белешки пред состанокот, со цел дислексичарот да може предвремено да види за што ќе се разговара на состанокот. Давањето на подолго време за завршување на задачите би била голема предност за вработениот и можноста за снимање на состаноците би била голема корист за овие вработени.

Треба да се запомни дека работодавците не се “Читачи на мисли”. За нив е важно работата да биде квалитетно завршена. Затоа е многу важно да разговарате со нив и да им ги објасните своите потешкотии.

1.4 Бидете свесни за своите органичувања

Доколку сакате да бидете успешни во својата професија и на работното место треба да сте свесни за потешкотиите кои ви произлегуваат од дислексијата.

Наместо да се избегнуваат работните задачи, треба да се изгради стратегија за како да се решат овие предизвици. На пример, доколку сте свесни дека бучната и гласна атмосфера ви пречат во фокусирањето на работата, тогаш би требало тоа да им го кажете на своите колеги. Објаснете им дека бучноста и гласовите во позадина ве дефокусираат и дека понекогаш ќе носите слушалки за да можете подобро да се концентрирате. Ова нема да ве направи антисоцијален колега туку само ќе направи останатите колеги да можат да ја разберат вашата ситуација.

Продолжува…