Наставниците во основните училишта пред три години само делумно го познавале поимот дислексија, а состојбата е слична и сега. Според истражување, кое во 2015 година го спроведе здружението за дислексија „Ајнштајн“ во четири скопски општини, Карпош, Кисела Вода, Центар и Аеродром, повеќе од половината од наставниците се изјасниле дека немаат доволно податоци за оваа потешкотија. Состојбата се променила на подобро, но недоволно, покажува најновата анкета на здружението, спроведена во текот на април годинава, во истите училишта. Се` уште е голем бројот на наставници што знаат многу малку за состојбата, но позитивно е што голем дел од оние што веќе имале познавања, во изминативе години дополнително се едуцирале за да работат со деца со дислексија.
Дислексијата е специфична потешкотија при читање и пишување, што се јавува кога се применуваат вообичаени методи на учење во образовниот систем. Децата со дислексија имаат просечни или надпросечни интелектуални способности, но сепак, со овие методи не покажуваат добри резултати во училиште и генерално, успехот им е лош. Истражувањата во развиените земји покажуваат дека во англиското говорно подрачје дислексијата е застапена кај 15 отсто од луѓето, а во словенското говорно подрачје кај 10 проценти од популацијата, од причина што словенските јазици се транспарентни јазици, па и процентот на застапеност на дислексијата е понизок.
Свесноста за постоењето на дислексијата меѓу учениците во нашите основни училишта во изминатите години е зголемена, но на наставниците се` уште им недостасува обука за полесно препознавање, како и техники за работа со децата со тешкотии во учењето, покажуваат истражувањата. Огромен број од наставниците и денес апелираат дека итно им е потребна едукација, бидејќи во секое одделение сретнуваат повеќе од две деца кои тешко читаат и учат, најчесто на возраст од 7-8 години.

boy reading on floor between library shelves

Непрепознавањето на дислексијата навреме може да предизвика трајни последици, не само образовни, туку и психолошки, бидејќи децата од образовиот процес може да излезат неподготвени за предизвиците и со многу ниска самодоверба. Во нашата држава нема воспоставено процедури за идентификација на дислексијата и другите специфични тешкотии во учењето, како што се дисграфија, дискалкулија, диспраксија или АДХД, ниту пак, дислексијата во нашиот систем на образование е евидентирана како присутна потешкотија. Во моментов постои само едно истражување за бројот на ученици кои страдаат од дислексија, спроведено годинава од страна на здружението „Ајнштајн“, во 15 средни училишта во земјава, кое покажа дека 12,2 проценти од учениците покажуваат знаци на оваа состојба. Тоа се можните причини што над 70 проценти од наставниците, во анкетата спроведена пред три години, изјавиле дека на обуките за потешкотии во читањето и учењето никогаш не бил дефиниран поимот дислексија или пак само бил спомнат. Сега, таков одговор дале околу 30 отсто наставници, кои изјавиле дека само се сретнале со овој поим и немаат никакви дополнителни информации. Повторената анкета покажува дека бројот на оние кои во изминатите години се едуцирале како да ги распознаат првите знаци на дислексија кај учениците во некои општини пораснал и до 50 проценти . Како позитивен чекор во оваа насока, анкетираните наставници ги оцениле обуките за потешкотии во учењето, во кои добиле подетални информации за дислексијата и начините како да постапуваат со овие деца.
Иако само со делумни инфомации, дел од наставниците и пред три години и сега се сигурни дека би препознале дете со потешкотии во учењето, вклучувајќи ги и децата со дислексија. Сепак, над 65 отсто од испитаните во првата анкета одговориле дека им е потребна дополнителна обука за да работат со овие деца, додека во повторното истражување, обука бараат помалку од 60 проценти од наставниците.

Според огромен дел од наставниците, за децата со дислексија е потребен поинаков пристап во работењето на часот и надвор од училиштето за тие да можат да успешно да ги совладаат училишните задачи. Според одговорите на наставниците од 28 училишта од сите општини, најчесто, дислексијата и другите потешкотии во учењето се препознаат во второ и трето одделение. Тое е периодот кога децата учат да пишуваат и да читаат, а почнуваат и со совладување на првите математички операции. Во нивните одделенија, најчесто се сретнуваат меѓу 2 и 3 ученици каде што забележуваат потешкотии во учењето, што кореспондира со бројката од 10 до 15 проценти ученици со дислексија.
Најголемиот дел од наставниците, околу 60 проценти, сметале дека дислексијата и проблемите со учењето се минливи и дека обврската за работа со децата е подеднаква, и на наставниците и на родителите. Сепак, повторното испитување покажало дека, наставниците делумно го смениле мислењето и сега речиси подеднаков број мисли дека дислексијата е минлива, односно трајна состојба.

Повеќе од половината наставници во Центар ги знаат знаците на дислексија

Само 12 отсто од наставниците во основните училишта во општината Центар, во 2015 година сметале дека поимот дислексија е доволно познат во кругот на просветните работници. Во повторното анкетирање 39 отсто велат дека дислексијата е познат поим, а 46 отсто мислат дека наставниците само делумно се запознати со оваа потешкотија. Пред три години 44 проценти од наставниците се изјасниле дека во ниедна обука дотогаш не е споменат овој термин, 39 проценти рекле дека дислексијата е само спомната како појава, а само еден процент биле запознати со првите знаци на состојбата. Сега, информираноста на наставниците во Центар е многу повисока, само 8 отсто не го сретнале поимот, а дури 52 проценти се запознати со првите знаци на состојбата. Во 2015 година 93 отсто од наставниците сметале дека е потребен поинаков методолошки пристап за учениците со тешкотии во читање и пишување, а сега така мислат 75 проценти од наставниците. Предходно, 65 проценти барале дополнителна обука за работа со овие ученици, а сега едукација очекуваат 60 проценти.

87 отсто од наставниците во Кисела Вода сметаат дека е потребен поинаков методолошки пристап за дислексичарите
Тешкотиите со читање и пишување најчесто се забележуваат во второ и трето одделение, што потврдиле 80 отсто од наставниците, според првата, односно 89 отсто според втората анкета, направени во основните училишта во општината Кисела Вода. Во оваа општина, во 2015 година 52 отсто од наставниците потешкотиите со читањето и пишувањето ги сметаа за минливи, а според најновите информации, 38 отсто од наставниците се` уште стојат на тој став. И во двете истражувања 62 отсто од наставниците во Кисела Вода сметаат дека не е тешко да се препознае дислексијата кај учениците и дека тие самите можат да ги увидат знаците. Над 80 проценти од нив, во текот на својата кариера често или понекогаш, сретнале дете со тешкотија во учењето.
Речиси ист број наставници, 86 отсто во 2015 година и 87 отосто во втората анкета, сметале дека е потребен поинаков методолошки пристап за учениците со тешкотии во читање и пишување. Пред три години 69 проценти одговориле дека им е потребна дополнителна обука за работа со овие ученици, а сега тој број се намалил на 60 проценти. Триесет отсто од наставниците во Кисела Вода изјавиле дека веќе ги имаат потребните знаења за да работат со деца со дислексија.

Во Аеродром 99 проценти од наставниците сретнале деца со потешкотии во учењето

Само еден процент од анкетираните наставници во основните училишта во општината Аеродром изјавиле дека никогаш не сретнале дете со потешкотии во учењето. Во двете анкети, 99 проценти од наставниците се изјасниле дека во одделенијата има најмалку едно, а понекогаш и повеќе од две деца кои тешко читаат и учат.
Во 2015 година, 80 проценти од наставниците се произнеле дека е потребен поинаков методолошки пристап за учениците со тешкотии во читање и пишување, а само 36 отсто дека им е потребна дополнителна обука за работа со овие ученици. Во втората анкета 74 отсто мислат дека со дислексичарите треба да се работи според поинаков методолошки пристап, а поголем број, односно, 53 отсто рекле дека им треба и обука за да се подготват за тој пристап. За разлика од 2015 година, кога 40 проценти од наставниците во Аеродром на обуките не слушнале за дислексијата, тој број сега е само 16 проценти. Денеска, 23 отсто од нив можат да ги препознаат и знаците на дислексијата, за разлика од пред три години кога тој број бил само 5 проценти.

Двојно пораснал бројот на наставници од Карпош што детално ја познаваат дислексијата

На 42 отсто од наставниците во основните училишта во општината Карпош им е познат поимот дислексија, иако за него пред три години знаеле само 16 отсто. Петнаесет проценти изјавиле дека во изминатиот период поминале и обука на која што биле детално разработени посебни методи за работа со деца со тешкотии во учењето и читањето, за разлика од првата анкета, кога само 7 проценти знаеле повеќе детали за оваа состојба. Наставниците од Карпош и во првото анкетирање, со 89 отсто и во второто, со 83, потврдиле дека со децата со дислексија треба да се работи по поинаков методолошки пристап. Кога ќе се сретнат со ученик со дислексија, 43 проценти од наставниците во 2015, односно 40 проценти сега, применуваат посебни техники на подучување, кои сметаат дека се најсоодветни за него. Тие во втората анкета изјавиле дека првиот чекор што го преземаат е да ги известат родителите, 28 проценти и училишниот психолог и педагог, 22 проценти. На последната анкета сите наставници во Карпош изјавиле дека барем еднаш се сретнале со ученик со потешкотии во учењето, а дури 45 отсто рекле дека често во одделенијата имаат вакви ученици, за разлика од пред три години, кога 31 отсто од наставниците изјавиле дека ова е честа појава. Половината од наставниците во двете анкети година одговориле дека се работи за две или повеќе деца со потешкотии во учењето во одделението.

Сторијата ја подготви Сања Наумовска, во рамките на проектот „Не сум чуден, само имам дислексија!“ 
Овој материјал е финансиран и изготвен со помош на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ. Содржината на материјалот е единствена одговорност на Здружението за дислексија „АЈНШТАЈН“ и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.

flag_yellow_loweu za tebeLogo  novo logo (3)