Кристина Ана Мудринич е единствениот фасилитарот за корекција на дислексијата по методот на Рон Дејвис во Република Хрватска.  Таа неодамна беше во посета на Република Македонија. а ние како Здружение ја искористевме таа прилика за да направиме пријатно дружење и разговор со Кристина. Зборувавме за тоа како дислексијата и потешкотиите во учењето се третирани во Хрватска, какво е нејзиното животно искуство како дислексичар и како е да се биде единствен Дејвис фасилитатор во Хрватска.

Untitled

1.Која е целта на вашата посета во Македонија?

Дејвис фаслилитаторите секогаш меѓусебно соработуваат. Токму и поради оваа причина сум тука за повторно да се видам со вашиот фасилитатор за корекција на дислексијата Славица за да можеме да споделиме искуства и дополнителни знаења, но и со заеднички сили да ја подигнеме јавната свест за поимот дислексија.

2.Што според вас претставува дислексијата?

Наједноставно кажано дислексијата според мене е предизвик. Да дислексијата претставува проблем, но воедно како што и самиот Рон Девјис тврди претставува проблем се до моментот додека не разбереш на кој начин истата функционира. Во секој случај би кажала дислексијата е предизвик без разлика дали во негативна или позитивна смисла. Како и за се во животот, предизвикот зависи од тоа колку сме спремни со него да се соочиме.

3.Каква е ситуацијата во однос на дислексијата во Република Хрватска?

Морам да признам дека Хрватска е многу свесна за дислексијата и јавната свест е на доста високо ниво , но секако се уште постојат некои стигми околу оваа состојба помеѓу наставниците, а особено меѓу родителите, но сето тоа се движи во добра насока и со брзо темпо.

4.Кој всушност во Хрватска работи со лицата кои имаат дислексија дали се тоа логопедите, дефектолозите или пак само тренерите за дислексија ?

Јас би кажала дека тоа повеќе го работат тим составен од стручни лица. Во училиштата постојат и логопеди и педагози. Наставниците се доста информирани за учениците кои се соочуваат со потешкотии во учењето. Во Хрватска имаме и одличен државен центар за детекција на дислексијата.

5.Дали секое училиште во Хрватска го поседува тимот од стручни лица кои ги споменавте?

За жал не, во Загреб на пример во речиси секое училиште го има овој тим, но сепак има и помали места во Хрватска каде што вакви тимови во училиштата се уште немаме. Но свеста и потребата за вакви тимови е на високо ниво така да верувам дека е само прашање на време кога секое училиште ќе добие вакви тимови .

6.Дали дислексијата во Хрватска е регулирана во првна рамка, односно дали има законска регулатива за лицата и учениците со дислексија?

Секако дека да, лицата кои се детектирани како дислексичари имаат право за побараат дополнителна помош во текот на наставата. Исто така учениците со дислексија имаат право да учат по прилагодена програма доколку тоа го побараат.

7.Што всушност претставуваа таа помош во наставата која овие ученици ја добиваат?

Помошта која законски се нуди на дислексичарите се состои од намалување на обемот на литературата на основно нивно и исто така на овие ученици им е дозволено подолго време за усно и писмено одговарање.

8.Како е да се биде дислексичар?

Би се навратила на вториот одговор предизвикувачки е дефинитивно.  Од моето искуство можам да кажам дека пред да дознам како дислексијата функционира  и како тоа влијаело на мене , сето тоа беше голем стрес. И да ќе признам дека се чувствував поглупава од останатите луѓе, а сето тоа водеше кон намалување на моите социјални вештини. Токму поради тоа го немав оној елан кој требаше да ме води и поттикнува да се движам напред . Но сега кога знам како дислексијата функционира дефинитивно мојата дислексичност не би ја менувала за ништо на светот.

9.Кога станавте свесни или дознавте дека имате дислексија?

За тоа се знаеше веќе на крајот на моето основно образование и почеток на средното образование. Во тој период моите родители почнаа да забележуваат  дека имам потешкотии во учењето, но правата детекција односно потврда дека сум дислексичар ја добив додека студирав.

                                         dda-logo-650x723px-1

10.Дали сметаш дека на некој начин страдаш од дислексијата и дали истата ти претставува пречка во животот?

Да дефинитивно да. Но колку и да претставува пречка сепак е навика. И денес ми се случува да прочитам или разберам  нешто погрешно. Но единственото нешто што помага е да се биде свесен за тоа, бидејќи кога си свесен за својот недостаток не мораш повеќе да се криеш зад силуетата на незнаењето туку едноставно можеш да кажеш дека нешто не ти е јасно.

11.Дали имаше проблеми со твоите врсници и соученици во животот поради твојата дислексија?

Аууу да особено во основно училиште. На пример во едно основно училиште бидејќи ги менував многу морав да научам песничка на памет иако  од самата песничка ништо не разбирав. Кога требаше истата да ја рецитирам пред целото одделине сите гласно ми се смееја.

12.Дали твоите наставници имаа разбирање за твојата дислексија?

Со оглед на тоа дека ниту во основно ниту пак во средно училиште не ја забележаа мојата дислексија , нема да кажам дека беа некоректни кон мене туку едноставно немаа познавања за дислексијата и според тоа на некој начин ме “малтретираа”. Можеби имаше и наставници кои можеа да имаат подобар пристап и однос кон мене, но едноставно не им замерувам туку тоа го препишувам на нивното незнаење бидејќи во тоа време свеста за дислексијата се уште беше на ниско ниво.

13.Може ли да ни кажеш по некоја речница за Дејвисовиот програм за корекција на дислексијата?

Со оглед на тоа дека сум дислексична секогаш барав решение за својот начин и облик на размислување па така ја најдов книгата “The gift of dyslexia” од Рон Дејвис. Најискрено како прав дислексичар само ја прелистав, но ми се допадна на кој начин  симптомите и начинот на размислување на дислексичарите се објаснети. Па така и собрав храброст да одам во Венеција каде што се одржуваше првиот тренинг и премногу ми се допадна. На самиот почеток отидов повеќе од љубопитност и воопшто немав намера да ја завршам целата едукација. Ќе признам дека после првата обука толку ми се промени начинот на размислување што станав многу по свесна за својата дислексија и навистина многу работи ми станаа појасни. Тоа што многу ми се допадна кај дејвисовиот програм е тоа што Рон Дејвис е заговорник да не се користи преголема концентрација, туку навистина да се открие обликот и начинот на размислување.

14.Како ви беше после завршувањето на едукацијата?

Освен што постанав првиот и засега единствен дислексија фасилитатор во Хрватска, најмногу  ми се допадна е тоа што почнав да читам,  да го разбирам тоа што сум го прочитала и престанав да ги користам оние стари решенија да го препрочитувам текстот по 4 пати за да можам да го разберам. Она што ме фасцинираше беше начинот на корекција на дискалкулијата бидејќи јас бев човек кој никако не можеше да ги сфати математичките концепти. Кога дојдов дома ја видов најголемата промена и си реков да ова е работата која што јас ќе ја работам до крајот на животот. Земав неколку збирки на задачи по математика и почнав да ги читам, најдоброто беше што не морав да земам лист и пенкало и да почнам да пишувам, решавам и да сфатам како се доаѓа до резултатот, туку за прв пат можев да ги видам и разберам  количините и за прв пат се почувствував како да читам математика, а не како да решавам, бидејќи веднаш и гледав крајните резултати и секогаш резултатите беа точни.

15.Кристина дали според тебе дислексичарите треба да се третираат посебно?

Јас би рекла не, дефинитивно не. Јас сум голем противник за тоа било кој човек да се третира посебно, затоа што сите ние сме еднакви, рамноправни и сите сме исто така единствени . Ако сето ова можеме да го ставиме под еден калап секоја личност без разлика дали е дислексична или не има свои предизвици. И едноставно треба да се развие емпатија и разбирање спрема секој човек. Треба да работиме на тоа во околината и одделенијата да пости свесност и разбирање  дека постојат различности.

16.Дали сметаш дека дислексичарите помеѓу себе можат многу подобро да се разберат отколку со останатите луѓе?

За тоа не постојат истражувања, но од моето искуство дефинитивно да . Имам еден многу добар пријател кој е дислексичар, кој воедно има напишано и книга и е доказ дека дислексичарите можат да бидат и добри писатели. Веднаш штом се запознавме , тоа беше некаде околу нашата 15-та 16-та година, веднаш почнавме многу и енергично да зборуваме и никој не можеше да не разбере за што всушност ние зборувавме.  Но сфативме дека ние едноставно перфектно се разбираме и дека помеѓу нас не постои онаа препрека “еј застани да ти објаснам што сакам да ти кажам”. Потоа ми кажа дека има дислексија и веднаш сфативме “а да па поради тоа ние така добро се разбираме”.

17.Според твоето мислење и искуство , кој е твојот совет како да се пристапи на личност со дислексија?

Тоа што би сакала да го нагласам доаѓа од моите познавањата за дислексијата, но и од личното  искуството. Никогаш не треба да се претпоставува што и е потребно на една личност со дислексија. Многу чесно на нас дислексичарите ни се случува другите луѓе да ни зборуваат премногу бавно, или пак на ни прераскажуваат некое случување како да за прв пат се сретнуваме со нивниот јазик. Исто така често се случува да не препрашуваат дали убаво сме разбрале или да ни кажуваат да не правиме некоја работа бидејќи е премногу комплицирана за нас, а вакви примери за жал има многу. Тоа што размислуваме на различен начин не значи дека кон нас треба да се приставува различно. Иако е потребно да се има на ум дека ние сме личности кои размислуваат во слики наместо во зборови и немаме конвенционален начин на размислување или примање на информациите, потребно е сите да бидат свесни дека секоја личност размислува на свој уникатен начин без разлика дали е дислексична или не.  За да можеме меѓусебно да се разбереме и да бидеме толерантни едни спрема други, сметам дека нај малку што може да се направи е да се праша дали личноста разбрала се што и е кажано и доколку не разбрала се нема потреба од повторување на информацијата. Туку едноставно можете да прашате: како можам да ти помогнам да го разбереш тоа,  што точно не ти е јасно,  како ти ја сфати информацијата, кое е твоето мислење.. токму на овој начин може да се дознае дали е дојдено до недоразбирање.  Без разлика дали се работи за дислексија или за некој друг проблем потреба е толеранција и разбирање дека сме различни на овој свет. Иако не сме вербални типови на личности, мислам дека токму ние сме тие кои што внесуваат различност и креативност во овој свет. Исто така важно е да напоменам дека и ние дислексичарите не сме секогаш едноставни за разбирање, па токму затоа толеранцијата и разбирањето треба да биде взаемно. Колку и да бараме од другите да ни објаснат што всушност сакаат да кажат , треба да имаме во предвид дека многу често и тие нас не разбираат па треба да прашаме дали убаво не разбрале што всушност сакаме да кажеме. Без оглед на тоа што дислексијата се смета како проблем во учењето кај една личност, кога еднаш ќе се сфати како да се совладаат вербалните информации проблемот исчезнува. Рон Дејвис кажал “дислексијата не е комплексност, таа е спој на едноставно фактори со кој мора да се соочуваме чекор по чекор. Коренот на самата дислексија е способноста односно талентот. Дарот на дислексија е дарот на владеењето”. За крај би сакала да кажам дека ми е многу драго што дислексијата и другите различности постојат и уште подраго ми е што сум јас дислексична. Тоа за мене е само потврда дека светот би бил навистина сив доколку нема толку различности. И не гледам причина зошто да не уживаме во истражувањето и откривањето на нови пространства и предизвици кои си ги нудиме едни на други.

Кристина Ана Мудринич

Дејвис фасилитатор- Република Хрватска “Светлата страна на дислексијата”