ЗА ДЕЦАТА ИГРАТА Е НАЧИН НА УЧЕЊЕ

За децата и нивниот правилен развој разговараме со Маја Невчевска Станокска дипломиран дефектолог.

Најнапред би ве запрашал дали љубовта кон децата може да биде претерана ?

Не, мислењето дека покажаната љубов ги разгалува децата е предрасуда. Секако, доколку родителите не успеат да ги постават границите во однесувањето, децата умеат  и си допуштаат со плачење да добиваат, да победуваат, да истераат по свое, но и да останат заробени во својот свет.

Како децата да се снајдат во нова и за нив непозната средина?

Искуствата  покажуваат дека некои деца многу тешко излегуваат од својата безбедносна зона, бидејќи се заштитени од своите родители или, пак, најчесто баби и дедовци. Тука е проблемот и првата пречка во развојот кај одредени деца. Претерано разгаленото дете не може да ги развие своите потенцијали и интелигенција, затоа што  е во тесна корелација, односно премногу заштитено и поврзано со најблиските. Разгалено дете е она дете кое добило љубов, но не и дисциплина. Би истакнала дека самата желба или потреба на родителите или, пак, на старателите да му удоволуваат и да го направат „среќно“ е тоа што, всушност, ги ограничува децата. Нормално е едно дете на возраст од четири години да ги облекува и соблекува своите чевли, но многу често тоа не го прават самите тие, туку нивните баби или мајки со цел да му помогнат, но тоа е сосема погрешно. Детето никогаш нема да научи и да знае  додека не проба самостојно да изврши одредени барања.

Прашањето е како тоа влијае на детето? Тоа нема самодоверба, се плаши, очекува постојано некој да ги врши работите за него, кога ќе се најде во ситуација во градинка самостојно да извршува одредени барања – детето нема да биде гордо на себе и сигурно во себе, ќе се повлекува и ќе одбива да оди во градинка, бидејќи му е полесно да остане дома или во средина каде други ќе ги извршуваат задачите што за негова возраст веќе треба само да ги прави. Така, честопати  родителската љубов кон децата станала бреме со кое тешко се справува.

Кој е  новиот, модерниот проблем со кој се соочуваат децата ?

Денес, многу негативно влијание имаме од модерната технологија. Деца на возраст од четири и од пет години веќе имаат таблети на кои играат игри, а родителите се горди на своите деца, бидејќи децата победуваат во игрите. Дали сме се запрашале што децата развиваат, а што не развиваат играјќи ги тие игри? Игрите на компјутер за разлика од игрите на улица како што се плочка, народна, џамија, ластик и сл. не развиваат моторика кај децата, размнотежа, движења (одење, трчање), не развиваат внимание, мислење, концентрација, око-рака координација, не развиваат пријателство, чувство на припадност, немаат социјализација, а ниту желба за играње со своите другарчиња особено кога имаат таблет до нив.

Дали децата на предучилишна возраст знаат правилно да држат молив? Дали се подготвени  за во училиште? Дали со креди цртаат по улиците? Тоа бил начин на растење со кој пораснале генерации деца играјќи криенка и граница, правејќи сендвичи од кал и листови или сок од ружи. Децата секогаш наоѓале начини да си играат и да се дружат, смислувале и измислувале нови игри и се снаоѓале како да победат во одредена игра која за нив била нова, па се натпреварувале. Денес ретко кај кое дете се наоѓа тој натпреварувачки дух, мотивација, чувство да се игра во повеќе групи.

Сепак, детството е најубавиот период од животот на човекот, нели?

Секако. Играта е примарна активност. Во неколку паркови полни со деца, се обидов да вметнам дел од овие игри, надевајќи се дека ќе се вратам во детските денови. Почнавме добро, игравме народна, каде детето преку таа игра се развива и физички и психички, но сето тоа заврши кога едно од децата падна и го изгреба коленото. Толку беше. Играта престана, бабите си ги земаа своите деца. Дали една гребнатинка била доволна играта да се запре? Денес да, за разлика од порано кога сме паѓале и сме продолжувале… Многу често се нарушува правото на играта, а улогата на играта во животот на детето е многу важна, една од поделбите на игрите се заснова врз развојот на детето т.е. физички, сензорни и умствени игри со кои се развиваат речиси сите функции кај детето.

Асистивна технологија

Современата технологија може да се искористи за поттикнување на вклученоста на лицата со попреченост во сите сфери на општественото живеење.  Асистивната технологија им овозможува и олеснува на учениците со посебни образовни потреби да користат компјутер. На тој начин, наставниците добиваат уште една алатка да ги доближат наставните содржини до учениците со посебни образовни потреби, да им ги претстават на ним разбирлив и јасен начин. Оваа технологија им овозможува на наставниците да го индивидуализираат пристапот и да изработуваат и применуваат индивидуални образовни планови за учениците со посебни образовни потреби.

Асистивен компјутерски уред е секој уред дизајниран, направен или прилагоден со цел да се олесни извршувањето на одредена компјутерска функкција. Пристапните софтверски опции овозможуваат прилагодување и адаптирање на компјутерот според индивидуалните потреби на лицето кое го користи. Асистивната информатичка технологија во голема мера помага во вклучување на децата со посебни потреби во наставниот процес, особено на децата со комбинирани пречки и оние со потешкотии во задржување на концентрацијата и вниманието. Со асистивната технологија вниманието се задржува и полесна е реализацијата на наставните содржини.

Оваа статија е овозможена во рамки на проектот “Криенка VS. Таблет” кој го спроведува Здружението за дислексија АЈНШТАЈН, а истиот е поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија

Untitled                                                                  FOOM logo new 2011-01