Кај лицата со дислексија, клетките на светлосните рецептори се наредени во симетрични шеми во двете очи, што може да го збуни мозокот.

Француските научници тврдат дека можеби нашле физиолошка причина, што навидум може да се лекува, за дислексијата скриена во малите клетки на светлосните рецептори во човековото око.

Кај лицата со оваа состојба, клетките се распоредени во симетрични шеми во двете очи, што може да го збуни мозокот да создава „огледални“ слики, напишаа коавторите во списанието Зборник на трудови на Кралското друштво Б, пренесе Гардијан.

Кај не-дислексичните луѓе, клетките се асиметрично распоредени, овозможувајќи им на сигналите од едното око да бидат препокриени од другото за да се создаде единствена слика во мозокот.

„Нашите набљудувања нѐ водат да веруваме дека навистина пронајдовме потенцијална причина за дислексијата“, рече коавторот на студијата, Гај Ропарс, од Универзитетот во Рен.

Нуди „релативно едноставен“ метод за дијагноза, додаде тој, со едноставно гледање во очите на субјектот.

Понатаму, „откритието на задоцнувањето (од околу 10 илјадити секунди) помеѓу примарната слика и огледалната слика во спротивните хемисфери на мозокот, ни овозможи да развиеме метод за бришење на огледалната слика која е толку збунувачка за луѓето со дислексија“- користејќи лед светилка.

Исто како да се биде левичар или десничар, луѓето имаат и доминантно око. Како повеќето од нас имаат две очи, тие бележат малку различни верзии на истата слика, мозокот мора да избере една од двете, создавајќи „несиметрија“.

Повеќето луѓе се десно-оки отколку лево-оки, а доминантното око има повеќе нервни врски со мозокот отколку послабото. Сигналите на сликата се фаќаат со стапчињата и чунчињата во окото – чунчињата се одговорни за боја.

Повеќето чунчиња, кои доаѓаат во црвена, зелена и сина варијанта, се наоѓаат во мало место во центарот на рожницата на очите позната како фовеа. Но, постои мала дупка (околу 0.1-0.15 милиметри во дијаметар) без сини чунчиња.

Кај не-дислексичните луѓе, местото без сини чунчиња во едното око – доминантното, е кружно, а кај другото око нерамномерно обликувано. Кај лицата со дислексија откриле дека и двете очи имаат исто, кружно место, што значи ниту едното око не е доминантно.

„Недостатокот на асиметрија може да биде биолошка и анатомска основа за пречки во читањето и правописот“, рекоа авторите на студијата.

Тимот користел лед светилка, светкајќи толку брзо, невидливо за голо око, за да ја „откажат“ едната слика во мозокот кај учесниците со дислексија додека читале во испитувањето. Во првичните експерименти, учесниците со дислексија ја нарекоа „магичната ламба’, рече Ропарс, но потребни се понатамошни тестови за да се потврди дека техниката навистина функционира.

За околу 700 милиони луѓе ширум светот се знае дека имаат дислексија, но голем дел од светската популација воопшто не е свесна дека има дислексија. Со оваа бројка се докажува дека во светот на 10 луѓе еден сигурно има дислексија.