Постојат многу различни стратегии за еден наставник да ја приспособи наставата за да им помогне на учениците со дислексија да напредуваат во читањето пишувањето, аритметичките операции и временската ориентација. Повеќето од овие предлози се добри за било кој ученик, но посебно се битни за работа со учениците со дислексија.

За да им го појасните синдромот како нормална појава, објаснете им на учениците со дислексија дека она во што се разликуваат од останатите ученици е начинот на процесирање на информациите поради различно развиени мозочни хемисфери.

Помогнете им на дислексичарите како ученици со поразвиена десна мозочна хемисфера да разберат како работи нивниот мозок во споредба со учениците со поразвиена лева мозочна хемисфера. Учениците со поразвиена десна мозочна хемисфера размислуваат сликовито и полесно ја гледаат големата слика, односно големата идеја, за разлика од учениците со поразвиена лева мозочна хемисфера кои лесно совладуваат бројки, букви и зборови. Имајќи го ова предвид, тие ќе увидат како нивниот различен начин на процесирање на информациите може да се искористи како дарба или предност при постигнување успеси во училиштето.

Повикајте се на научните сознанија кои велат дека дислексијата е наследна особина и дека веќе е откриен генот кој е одговорен за синдромот Дислексија. Обично се наследува преку едно колено, но ако и двајцата родители имаат дислексија, тогаш со поголема веројатност и нивните деца ќе имаат дислексија.

Помогнете им на учениците со дислексија да го откријат нивниот специфичен сетилен начин на учење (аудитивен, визуелен или кинетички/преку движења) и научете ги како да го користат нивното најсилно чувство за процесирање на информациите, како и за стекнување нови вештини што би придонело до поголемо разбирање на градивото.

Овие ученици размислуваат во целини. Потребно им е прво да ја увидат големата слика, големата идеја, за потоа да ја расчленат идејата во помали сознанија. Без да ја имаат пред себе големата слика, со потешкотии ги следат расчленетите информации од градивото. Тоа значи дека ако ја немаат големата слика пред себе, освен постепеното учење, кај нив ќе се појави и постепено заборавање на информациите кои се изучувале во неколку последователни денови. Оваа појава кај дислексичарите обично се нарекува краткорочна загуба на меморијата. Со други зборови на дислексичарите им е потребен вовед во градивото, разговор за потребните цели и достигнувања, потребно им е објаснување на процесот и неговото значење пред да се почне со примери и задачи.Спротивниот процес, кога се тргнува од мали примери или постепено учење за на крај да се дојде до големата слика или заклучок, кај дислексичарите дава слаби резултати. Пробајте лекцијата да ја завршите во еден час, како една целина. Доколку не можете, обезбедете им ги најважните информации од лекцијата вметнати помеѓу воведот и заклучокот, со цел да ја добијат претставата за големата идеја, и соодветно да ги сместат информациите во големата слика.

Дислексичарите можат да се детектираат најрано на 6-годишна возраст. Нивните проблеми во училиште можат да се приметат кога ќе се споредат со останатите ученици од класот, посебно кога се работи за натпросечно интелигентно дете. Затоа е многу важно нивно навремено детектирање. Ако нивното откривање е задоцнето и ако тие се подучуваат со методи кои одговараат за ученици со развиена лева мозочна хемисфера, тие може да не се здобијат со потребните основни информации, да заостануваат во одделението и тешко да напредуваат.

Според научните сознанија, поголемиот број дислексичари се натпросечно интелигентни до ниво на генијалност. Многу е често талентирани ученици да имаат дислексија. Затоа и тешко е овие ученици да се идентификуваат, па обично за нив се вели дека се мрзеливи или дека не го користат нивниот потенцијал.

Овие ученици тргнуваат од еден факт или заклучок и ги анализираат деловите за да го докажат или побијат заклучокот. Со други зборови, или симболично кажано, потребно им е да ја видат шумата пред дрвјата за се што учат или процесираат. Во таа насока секој пат поставувајте ги прашањата или задачите околу даден заклучок или факт. Размислувајќи во целини, дислексичарите ќе процесираат наназад и од заклучокот ќе дојдат до информациите кои ја создаваат целината. Избегнувајте да им давате прашања кои вклучуваат апстрактни или некомплетни упатства, како и пополнување на некомплетни реченици.

Не ги засновајте нивните оценки на граматички и правописни грешки. Грешките што ги прават при пишување треба да ги поправате за нив. Или дозволете некој ученик или родителот да ги поправи наместо нив. Дислексичарите не можат лесно да ги процесираат буквите и бројките, затоа што не можат да ги визуализираат како конкретни слики. Оценувајте ги нивните идеи, а не нивните технички грешки. Запишувањето на идеите е многу поважно отколку начинот на кој тие се запишани или грешките при пишувањето. Користењето на уреди за снимање на нивните идеи може да бидат од голема корист. Ако не го постигнат она за кое се способни, тие наскоро стануваат депресивни и се откажуваат.Нивната способност да користат правилна граматика и правопис може да се подобри низ годините, а можеби и не, зависно од нивната способност да ги разберат овие концепти, и зависно од наставните методи со кои се подучуваат дислексичарите.

Дислексичарите може да поставуваат многу прашања кои треба да им се одговорат. Без овие одговори тие ќе се чувствуваат “парализирани” и не ќе можат да продолжат со училишната работа. Одговарајте ги прашањата на ученикот толку често колку што е потребно, но вашите одговори нека бидат кратки, јасни и специфични. Не го повторувајте вашиот одоговор доколку ученикот не побара и одговорете само на конкретното прашање. Долгите објаснувања, различни пристапи, различни дефиниции или апстрактно објаснување се многу заморувачки и тешки за овие ученици кои бараат конкретен одговор.

Не ги критикувајте вашите ученици дека не внимаваат или дека се мрзеливи. Ако изгледаат како да се занеле, како да сонуваат, тие можеби учат преку слушање или не можат веќе да ја следат лекцијата и се трудат да се справат со ситуацијата. Тие всушност многу се трудат да разберат што кажувате. Некој пат ученикот го има решено проблемот и кога изгледа занесено, всушност да се труди да најде друго решение или да разгледа друг аспект на проблемот.

Наместо долги писмени задачи, зададете им проекти што би ги вклучиле сите сетила. Тоа би можело да биде големо парче обоена хартија која ќе вклучува слики, цртежи, скици, појаснувања и на крај усно излагање на проектот. Дислексичарите учат најдобро преку проекти кои вклучуваат гледање, слушање, дискутирање и моделирање.

Искористете ја нивната сензитивност за бои како метод за подобрување на читањето. Вметнувајте фолија во разни бои за читање на различни типови информации или текстови. (Scotopic Sensitivity Syndrome)

ПРОДОЛЖУВА…

Пишува: Билјана Божиноваска

Извор: : http://www.dyslexiavictoriaonline.com/how-teachers-can-accommodate-the-dyslexic-student/