Поттикнете ги дислексичарите да ги истражат сите можни таленти кои се природно поврзани со десната мозочна хемисфера. Тоа може да бидат уметнички способности во различни медиуми, однсосно сфери. Некои од нив се особено умешни математичари и логичари, додека други можат да имаат особени тешкотии со математиката и аритметиката. Повеќето дислексичари покажуваат добри лидерски особини, вештини за решавање проблеми, имаат прекрасна имагинација и се прекрасни раскажувачи на приказни. Многу од нив имаат природни механички способности, или се талентирани атлети, поседуваат фотографска меморија и покажуваат силен логички сензибилитет. Значи дајте им задачи преку кои ќе можат да го откријат нивниот природен талент, интереси и хобија.

Подучувајте ги учениците како да ги подредуваат посебните делови во последователна низа. Користете визуелни процедури, мапи или дијаграми кои ќе им помогнат да ги поврзат помалите делови во целина.

Пишувањето белешки од табла за дислексичарите е многу тешко. Затоа доколку тие седат блиску до таблата или ако им спремите веќе испечатени белешки, тоа би им било од голема помош.

Кога се работи за читање книги, многу дислексичари сакаат да го прочитаат почетокот, а потоа веднаш и крајот за да имаат увид во приказната, однсосно да добијат увид во големата слика за полесно да ја следат приказната. Сепак  помал број дислексичарии преферираат почеток, средина и крај на книгата како редослед.

Математиката, аритметичките операции, концептот на време, пари и различни видови мерки се многу апстрактни поими за дислексичарите, но доколку овие поими се објаснат со конкретни слики и демонстрации, тие брзо ќе ги совладаат. Не треба да бидат обесхрабрувани да ги користат нивните прсти или други помагала за одредени калкулации. Некои дислексичари никогаш нема да можат да сметаат без овие помагала. Исто така овие ученици многу подобро би се изразиле доколу решението на одредена задача го дадат преку цртеж или скица, наместо да користат детали од математички равенки.Тие секогаш ќе инсистираат да го знаат распоредот за денот и ќе укажат на тоа ако се случат одредени промени во распоредот.

Некогаш може да бидат опседнати со одреден предмет или содржина и оваа опседнатост може да биде искористена во текот на нивната училишна или домашна работа за полесно совладување на одреден материјал.

Некои ученици со дислексија кои покажуваат и ADHD синдром страдат од фрустрации, збунетост и страв, па добиваат одредени суицидални нагони уште од најрана возраст. Затоа е потребно и медицинско тестирање, покрај образовната и емоционална состојба на детето со цел да се истражат и други фактори за состојбата.

Кога сме на тема немирно седење или зборување на час, може да се каже дека дислексичарите сакаат да го доживеат опкружувањето, да го осетат, да го видат, да го допрат, да го помирисаат и се да слушнат. Тие го доживуваат животот во сегашноста. Минатото и иднината како интереси припаѓаат на левата мозочна хемисфера. Ако комбинирате движења и други сензорни искуства во наставата, дислексичарите ќе бидат страсни слушатели. Седењето, слушањето и пишувањето во долг временски период е скоро невозможно за нив. Затоа и многу училишта воведуваат можности за користење на мастики за џвакање, топчиња за стискање, како  и дозволи за почесто движење за време на часот.

Ако имате во класот дислексичар-забавувач, дозволете му да изведе 5 минутна stand-up комедија ако се сложи потоа да биде мирен и да не го вознемирува класот во текот на останатите часови.

На дислексичарите им треба причина или објаснување за се. Ако имате одредени барања од нив, тие разумно ќе одговорат на барањето ако им дадете и логично објаснување за истото. Со други зборови, нема да следат инструкции и упатства ако не им изгледаат разумни.

Ако сакаат да добијат нешто но за тоа мора да почекаат, објаснете им го планот зошто и колку ќе чекаат и што ќе се случува измеѓу. Ако постојат измени во планот, ќе наидете на жесток протест.

Многу дислексичари имаат проблем со навременост во извршување на задачите. Тие живеат во сегашноста и не го разбираат лесно распоредот. Затоа соработувајте со нивните родители со цел да им се помогне за навремено исполнување на задачите. Дома можат да користат и табла со распоред за задачите што треба да ги завршат во одреден термин. Бидејќи добро реагираат на бои, можат да користат агенда означена во различни бои на нивната домашна табла. Црвената боја може да значи “за утре”, сината може да значи “до крајот на неделата” и слично. Овие бои во агендата, може да бидат ажурирани на дневна основа. Од друга страна на спектрумот се дислексичарите кои се опседнати со распореди. И ова е типично. Нема ништо измеѓу. Дислексичарите се или навремени и опседнати со распореди или воопшто не се.

Бидејќи дислексичарите во главно имаат потешкотии со читање и пишување, помагајте им да усвојат методи за фаќање белешки, за потцртување, за групирање или за мапирање на информациите во мапи користејќи, слики, дијаграми, графици и композиции.

Препознајте ја нивната способност да размислуваат емотивно, интуитивно, креативно, гледајќи ја големата слика и вметнете го ова во наставата.

Сочуствувајте со нивните стравови дека можат да бидат исмеани кога ќе читаат на глас, кога ќе одговараат усно или кога ќе следат пишани упатства.

Увидете дека можат лесно да напредуваат при усни дискусии и групни проекти.

Увидете дека може да бидат добри организатори и да развиваат лидерски способности доколку не страдат од нарушена самодоверба.

Дајте им повеќе време да ги довршат тестовите или усно испрашувајте ги. Бидете сигурни дека знаењата се усвоени за време на часот преку усно дискутирање, односно испрашување, затоа што при писмено пишување на одговорите ќе имаат проблем да го пренесат своето знање.

За крај, на дислексијата може да се гледа како различност при учење, но многу почесто подразбира потешкотии при учење, особено кога детето не напредува во училиште поради несоодветни наставни методи, поради што и се фрустрира, се заморува, се понижува или омаловажува. Кога детето ќе ја изгуби самодовербата и почнува да мисли дека е глупаво или со ограничени способности, тоа се затвора во себе и не може повеќе да совладува нови вештини во училиште како што е тоа предвидено за неговата возраст и согласно образовната програма.

Пишува: Билјана Божиноваска

Извор: : http://www.dyslexiavictoriaonline.com/how-teachers-can-accommodate-the-dyslexic-student/