Здружението за дислексија АЈНШТАЈН и Здружението Brain Genius Kids за прв пат организираат семинар за АДХД насловен “Хиперактивни сонувачи во училиштата” на 15-ти декември на Филозофскиот факултет Скопје. Семинарот беше наменет за сите оние кои директно работат со учениците со АДХД како што се наставници, психолози, педагози, дефектолози, логопеди, но исто така и за родителите и сите заинтересирани за оваа состојба.

На семинарот “Хиперактивни сонувачи во училиштата” свои излагања имаа:

  • Г-дин Марко Ферек – Република Хрватска.
    Г-дин Ферек е потпретседател на Европската асоцијација за АДХД и Претседател на Здружението за разбирање на лицата со АДХД “Будење”. Марко Ферек нè запозна со неговата лична приказна како е да се расте и созрева како човек кој се соочува со симптоми на хиперактивност, невнимание и импулсивност и даде уникатна перспектива за учениците чија различност не била забележана во тоа време. Преку неговата животната приказна многу подобро се запознавме со симптомите на АДХД и разбравме како како истите симптоми кои создаваат проблеми можат да станат големи предности. Предавањето се состоеше од конкретни примери и совети со цел да ги сензибилизира и мотивира наставниците во нивната работа и да овозможи истите да воспостават подобра динамика и комуникација со своите ученици.
  • Г-ца Кристина Ана Мудриниќ – Република Хрватска.
    Г-ца Мудриниќ е Претседател на Здружението “Светлата страна на дислексијата” и единствен лиценциран тренер во Република Хрватска за корекција на АДХД и АДД по светски познатиот метод на Рон Дејвис. Таа го сподели своето лично искуство при справување и живеење со АДХД, како и придобивките од методот на Рон Дејвис за корекција на дислексијата и АДХД. Исто така преку емотивно пренесените искуства, ни овозможи да допреме подлабоко во оваа проблематика, со цел да разбереме како размислуваат децата со АДХД, а своето излагање го заврши со конкретни примери од работата со деца со АДХД.
  • Г-ѓа Славица Тасевска Николовска – Република Македонија.
    Г-ѓа Тасевска Николовска е основач на Здружението “Ајнштајн” и единствен лиценциран тренер за корекција на дислексија, дискалкулија, АДХД и АДД по методот на Рон Дејвис во Република Македонија. Преку своето излагање ни помогна да разбереме како сликовитиот начин на размислување е поврзан со АДХД, а детално беше објаснета и спонтаната дезориентација како причина за АДХД. Г-ѓа Николовска зборуваше за четирите карактеристики на АДХД во кои всушност треба да се бара причината за неадекватното однесување на овие лица и потешкотиите во учењето, односно хиперактивноста, хипоактивноста, импулсивноста и невниманието.

Ви благодариме на сите за вашето присуство и покажаниот интерес. За нас претставуваше големо задоволство да допринесеме повеќе во надградбата на вашите знаења.

.

Се гледаме набрзо !