Постојат голем број студии кои ги проучуваат симптомите поврзани со тешкотии во читањето како и алатки и интервенции кои можат да се користат како работни стратегии кај ученици со вакви тешкотии. Една таква алатка, која ја зголемува флуентноста кај лицата со тешкотии во читањето е воведувањето на специјално дизајниран фонт различен од најчесто користените фонтови како Times New Roman, Arial и други. Во изминативе години, неколку латински фонтови се развиени со цел да им помогнат на овие лица да читаат поефикасно и флуентно. Сепак, во научната литература недостигаат емпириски истражувања и докази кои би ги докажале ефектите од користењето на различни фонтови. Вакви истражување поврзани со кирилските фонтови, скоро и да нема. Доколку се докаже дека овие фонтови се ефикасни, нивната употреба може да биде едноставна и евтина интервенција за лица (пред се деца) со тешкотии во читањето.

Целта на оваа студија беше да се процени влијанието на првиот кирилски фонт DyslexicFZF, врз способностите за читање на лицата со специфични тешкотии во читањето. Вкупно 38 испитаници беа испитани со помош на тестот за процена на флуентноста на оралното читање (ORF-oral fluency test). Оваа студија покажа дека лицата со дислексија со Dyslexic FZF фонтот читаат текстови, зборови со значење и бесмислени зборови пофлуентно и со помалку грешки во споредба со читањето на текстови и зборови со Times New Roman фонтот.

Автори на оваа студија се Проф.д-р Александра Каровска Ристовска, М-р Маја Филиповска од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот Факултет Скопје и Дамјан Николовски од Здружението за дислексија АЈНШТАЈН.

Целосната студија “Влијанието на фонтот DyslexicFZF врз способноста за читање кај лицата со дислексија” можете да ја превземете ТУКА

flag_yellow_low

Публикацијата “Влијанието на фонтот DyslexicFZF врз способноста за читање кај лицата со дислексија” е подготвена со поддршка од Европската Унија во рамки на проектот Асистивна технологија за дислексија. Содржината на оваа публикација е единствена одговорност на авторите и носителот на проектот и на никој начин не може да се смета дека ги претставува ставовите на Европската Унија.

Проектот Асистивна технологија за дислексија е финансиран од програмата за доделување грантови на проектот „Промени за одржливост“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Конект во партнерство со Фондација Аполонија и Центарот за даночна политика”